Користа и штетата од конфликтите на работното место
Колку често се јавуваат конфликти во рамки на Вашата организација? На кој начин Вашите вработени се снаоѓаат при решавање на конфликтите, какви се меѓучовечките односи во Вашата организација? Кога ќе се спомене поимот „конфликт“ во секојдневното работење, многу негативно и трагично се сфаќа и инстинктивно голем дел од луѓето се навикнати да се повлечат од самиот конфликт. Всушност, конфликтите се потребни за ефективно решавање на проблемите, како и за воспоставување на ефективни меѓучовечки односи.
Конфликтите често се појавуваат во работните организации помеѓу вработените. Со оглед на тоа што луѓето меѓусебно се разликуваат и секој човек се карактеризира со своја единствена индивидуалност, голема е можноста да се дојде до одредено недоразбирање. Во рамките на работните организации вработените честопати наидуваат на некои препреки коишто најчесто се врзани за различен начин на размислување, знаење, идеи и искуство.
Појавата на конфликти во организацијата честопати претставуваат одредена препрека помеѓу луѓето коишто би требало да работат заедно. Доколку не се преземе нешто за разрешување на настанатиот проблем во комуникацијата на вработените, може да влијае на меѓучовечките односи, не само помеѓу оние коишто се спротивставени, туку недоразбирањето може да се прошири низ целиот тим, при што постои опасност да настане одредена поделба помеѓу вработените.
Кога одреден конфликт е присутен помеѓу вработените, честопати се одразува со повлекување или тргање на страна од конфликтот кај одреден број на вработени или постои недоволна комуникација помеѓу вработените, односно се појавува непренесување на информации коишто во голема мера се штета за работата и организацијата.
Меѓутоа, појавата и присуството на конфликтот во една организација нема само негативен ефект. Организацијата од секој конфликт може да извлече одредена корист. Зависно од тоа како ќе му се пристапи на конфликтот и кои мерки ќе се преземат за негово разрешување, сепак конфликтот може да има и позитивен ефект врз организацијата. Вработените учат како да се справуваат со препреките, овозможува да се подобри комуникација која често води и до зголемување на меѓусебната доверба, се запознаваат позитивните и негативните начини на реагирање и однесување кај вработените.
Во следната табела следат потенцијалната корист и потенцијалната штета од конфликтите во организацијата.
Потенцијална корист од конфликтите
- Ја стимулира креативноста и решавањето на проблемите
- Ја поттикнува тимската работа и ги подобрува социјалните односи
- Го поттикнува активното слушање
- Промовира размислување и отворена комуникација
- Дава информации за вработените и однесувањето
- Дава позитивни сигнали дека промените во организацијата се неминовни
- Дава можност да се искажат чувствата кои што влијаат врз намалување на тензијата
Потенцијална штета од конфликтите
- Доведува до носење на сиромашни одлуки
- Ги нарушува меѓучовечките односи со недоверба и недоразбирање
- Предизвикува страв, лутина, дефанзивност, негативност, срам
- Оневозможува градење на долги меѓучовечки односи
- Ја оневозможува отворената комуникација
- Поттикнува агресивно однесување
- Доведува до намалено заедничко решавање на проблемите
- Ја намалува репутацијата на вработените и организацијата
“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“
- Peter Drucker




