Мерење на перформансата кај вработените
Врз основа на што определувате каков е перфомансот на Вашите вработени? Како знаете кој соодветно ги извршува работните задачи, а чија работа е под очекуваните стандарди? Постои ли систем за мерење на работната изведба во Вашата организација? Менаџирањето со работната изведба на вработените е интегрален дел од работата на претпоставените во една организација. И секоја организација треба да размисли и да постави ваков систем. Од каде да започнете?
Чекор 1: Процес на планирање
Секоја успешна организација ја планира својата работа. Овде се вклучени и очекувањата кои што организацијата ги има за работната изведба на своите вработени, односно нивните постигнувања во процесот на остварување на организациската стратегија, како и остварувањата на целите кои што ги има секој вработен во согласност со своето работно место. Вклучувањето на вработените во самиот процес на планирање е многу важно за полесно и подобро разбирање на организациските цели, што треба да направи и зошто треба тоа да го направи, како и подобро разбирање и прифаќање на очекувањата кои што ги има организацијата.
Чекор 2: Следење
Ефикасниот, конструктивниот и навремен фидбек, кој му укажува на вработениот за неговата работна изведба е многу корисно, односно претставува неопходен дел за успешно остварување при менаџирањето со работната изведба. Фидбекот може да се направи на различни начини: опсервација од страна на директниот претпоставен; поставување на систем за мерење, односно поставување на индикатори за мерење на работната изведба; фидбек од страна на колегите; фидбек или проценка од страна на клиентите..... Претпоставениот е оној кој треба да определи кој е најдобриот, односно најсоодветниот начин за да ги собере потребните информации, како и кои извори ќе ги користи.
Чекор 3: Развој на вработените
Системот за менаџирање со работната изведба е одлична можност за идентификување на потребите за тренинг. Кога работата е добро планирана и набљудувана, недостатоците во работната изведба кај вработените стануваат евидентни и лено можат да се посочат. Не само недостатоците, туку и оние сегменти од секојдневното работење кои што се всушност слаби страни кај конкретниот вработен. Врз основа на тоа многу лесно може да се направи програма за тренинг за подобрување на неговите компетенции, што воедно ќе доведе и до поефикасно извршување на работните задачи. Меѓутоа, со менаџирањето на работната изведба многу лесно се забележуваат и областите каде што вработениот е успешен, а врз основа на тоа може да се идентификува и програма за негово дополнително усовршување, за да биде уште подобар во конкретната област. Развојот на вработените е многу повеќе од само обучување на вработените.
“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“
- Peter Drucker




