Дознајте ги личните карактеристики на вработените


Постојат одредени аспекти во однесувањето кои што се карактеристични за одредена личност, но и одредени аспекти кои што личноста помалку или ретко ги користи како свој стил на однесување. Кога сакате да вклучите нов член во тим тимот, токму тоа сакате да дознаете и генерално Ве мачат следните прашања:

  • Кои се најчестите начини на однесување кои што личноста ги користи?
  • Кој стил на однесување ја мотивира личноста?
  • Кога личноста е под притисок, под стрес, на кој начин се однесува?
  • Кој стил на однесување не е карактеристичен за личноста?

Понекогаш специфичните однесувања се сфаќаат како природен начин на однесување, но понекогаш личноста може да прифати одредено однесување кое не е карактеристично за неа, особено кога се наоѓа во релаксирана состојба. Менаџерите мора да ги знаат карактеристиките на личноста на вработениот и кој е неговиот природен стил на однесување. Честопати вработените добиваат работни задачи кои не се во сооднос со нивниот склоп на личноста. Ваквите ситуации најчесто резултираат со стрес кој се јавува кај вработениот, а кој од своја страна пак може да резултира со дисфункционално однесување, бес, зголемено внесување на алкохол, честа промена во расположението и многу други дополнителни симптоми кои што се забележуваат во неговото однесување и дома и на работното место.

Ваквата проценка на личноста може да се направи со употреба на соодветни психолошки тестови. Еден од познатите тестови за таква проценка на личноста е DISC личната анализа кој се потпира на концептот на различните видови на човекови однесувања. Оваа алатка не е само психолошка, туку и помага во менаџирањето и зголемувањето на ефикасноста на работата во организацијата. Денеска оваа алатка е дел од менаџерскиот систем на проценка на кадрите во голем број на компании во светот. Не дава резултати кои што ги дели луѓето на категории добри - лоши, ниту пак на било кој начин ги рангира, едноставно само постојат различни луѓе. Информациите кои што се добиваат се всушност „природниот стил на однесување“ на личноста, за кој што личноста не употребува преголема енергија и напор, не бара преголема концентрација при однесувањето и најчесто е однесување кое што е пријатно за личноста. Тоа е однесување по кое што останатите луѓе ја препознаваат.

DISC личната анализа е проценка за разбирање на однесувањето на личноста и претставува акроним на следните термини:

D – Доминантност - предизвик

I – Влијание – односи со другите луѓе

S – Постојаност - издржливост

C – Согласност – почитување на правила и регулативи

Стил D
Карактеристики: компетитивен, агресивен, решителен, ориентиран кон резултати. Оние кои што спаѓаат во оваа група сакаат да се движат брзо, ризикуваат и сакаат да ги извршат работите веднаш. Сакаат да бидат одговорни, сè да биде под нивна контрола и да имаа моќ. Сакаат промени и предизвици. Се карактеризира и со нетрпеливост, дрскост дури и грубост. Често пати не се добри слушатели и знаат да донесат избрзани одлуки. Околината може да ги доживее како себични, со големи барања, директни и премногу агресивни.

Стил I
Карактеристики: зборливи, дружељубиви, оптимистични и активни. Оние кои спаѓаат во оваа група се ориентирани кон луѓето, спонтани, енергични и се ентузијасти. Овој стил на однесување има добро и позитивно влијание врз околината. Се карактеризираат и со невнимателност на детали, премногу зборливи и емотивни. Премногу ветуваат отколку што исполнува, затоа што е голем оптимист и е желен за популарност. Околината може да го доживее како негрижлив, импулсивен и со недостаток на успех.

Стил S
Карактеристики: смирен, корисен, трпелив, скромен и опуштен. Желни се да помогнат, лојални и често пати градат одличен тим за работа. Оние кои спаѓаат во оваа група се трпеливи слушатели, доверливи и умеат да балансираат помеѓу обврските и луѓето. Многу се упорни и истрајни. Имаат потреба од стабилност и сигурност, па оттука имаат потреба од дополнителна помош при настанување на одредени промени. Премногу се желни да помогнат, па често пати на крајот остануваат искористени. Околината може да ги доживее како премногу спори, заглавени на status quo, неодлучни, тврдоглави па дури и лесно навредливи.

Стил C
Карактеристики: точни, логични, се држат до факти, аналитични и внимателни. Оние кои спаѓаат во оваа група имаат потреба од дополнителни информации, затоа анализираат. Фокусирани се на обврските и сакаат да бидат сигурни дека работите се одвиваат беспрекорно. Овие луѓе се стремат работата да ја завршат квалитетно. Премногу се задржуваат на деталите, стануваат критични, бавни и ја губат целовитоста на задачата. Понекогаш се губат во анализирање, се фокусираат на „дрвата, а не на шумата“. Околината може да ги доживее како премногу критични, дистанцирани, песимисти, па дури и ладни.

Активни огласи
Мудрости

“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“

- Peter Drucker