Корист од проценка на перформансата


Најзначајната корист од проценката на перформансата е подобрувањето на секојдневниот начин на работење. Нуди можност претпоставениот и вработениот да имаат време за дискусија еден на еден за значајните работни проблеми за кои во спротивно не би се посветило внимание. Кога проценката на перформансата се спроведува на соодветен начин, и вработениот и претпоставениот потврдуваат дека имаат позитивно и корисно искуство од сето тоа.
Проценката нуди значајна можност фокусот да биде ставен на работните активности и целите, да се идентификуваат и да се коригираат постоечките проблеми, како и да се поттикне подобра идна перформанса. Оттука, целата перформанса на организацијата се зголемува.

За голем број на вработени, „официјалните“ интервјуа за проценка на перформансата може да се единственото време кога имаат пристап до претпоставениот. Еден вработен во една голема светска организација, после првото интервју за проценка на перформансата изјавил: „Ова е прв пат во дваесет години што некој воопшто седна да ми каже како работам.“ Дали Вашите вработени знаат на кој начин ги извршуваат своите работни задачи? Во никој случај не смее да се потцени вредноста на целно насочената интеракција помеѓу вработениот и претпоставениот.

Мотивација и задоволство
Проценката на перформансата може да има длабок ефект врз нивото на мотивацијата и задоволството кај вработените и тоа и во двете насоки, како кон подобро така и кон полошо. Проценката на перформансата, пред сè на вработениот му дава признание за неговиот труд. Од многу одамна се употребува социјалното признание како еден вид на мотивирање. Ако ништо друго, самото постоење на програма за проценка му укажува на вработениот дека организацијата е заинтересирана за нивниот индивидуален развој и перформанс. Ова има позитивно влијание на индивидуалното чувство за вредност, приврзаност и припадност. Постоењето и силата на ваквата природна човечка желба за индивидуално признание не треба да се занемари.

Обука и развој
Проценката на перформансата нуди одлична можност за вработениот и претпоставениот да ги идентификуваат и да се сложат за индивидуалните потреби за обука и развој. За време на дискусијата за работната перформанса на вработениот многу лесно се препознава присуството и отсуството на одредени работни вештини. Ваквите дискусии им помагаат пред сè на вработените да ги воочат потребите за понатамошен развој, што доколку само им наложите да одат на одредена обука сигурно би наишле на одреден отпор. Со проценката се дава значење на потребата од обука при што постои одлична можност да се направи јасно поврзување на исходите од перформансата со идните кариерни аспирации.

Регрутирање и воведување
Податоците од проценката можат да се употребат за да се следи успехот на регрутирањето во организацијата, како и начините на воведување на нововработените. На пример, каков е перформансот на оние кои што биле вработени во последните две години? Односно, дали во организацијата се вработени лица со соодветни работни вештини за потребните работни места и во која мера се тие ефективни и ефикасни во извршување на работните задачи. Оттука, овие податоци можат да помогнат да се следат ефективните промени во стратегиите за регрутирање. Со следење на годишните информации поврзани со новите вработувања може да се процени дали квалитетот на работната сила се подобрува, стои на исто ниво или се намалува.  

Активни огласи
Мудрости

“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“

- Peter Drucker