Инвестирајте во развојот на вработените
Кариерниот развој и развојот на вештините кај вработениот се на врвот на листата на работни карактеристики што секој вработен ги посакува. Користа која што ја имаат организациите со развојот на вработените:
- Се зголемува вредноста на човечкиот капитал во компанијата, што всушност претставуваат и главниот капитал воопшто
- Дава сигурност дека компетентни луѓе од самата организација ќе бидат подготвени и спремни да напредуваат на повисоки работни места
- Вработените ја разбираат организацијата и индустријата во која работат
- Придонесува за ефективно задржување на вработените во рамки на организацијата
Многу компании сметаат дека е многу важно инвестирањето во развојот на вработените. Вработените се поефективни во своето работење, што од друга страна придонесуваат клиентите да бидат позадоволни. Меѓутоа, кај многумина постои дилемата, зошто воопшто да инвестираат во обука и развој на вработените, особено во време на висока мобилност на вработените, од една во друга организација.
Од една страна инвестирањето во обуките ги прави вработените повредни и позадоволни со она што го добиваат на своето работно место. Особено ова е многу значајно за оние луѓе кои што го поддржуваат концептот на континуирано надградување и концептот на доживотното учење. Од друга страна, со самото тоа што се зголемува вредноста на вработените, тие стануваат привлечни на пазарот на труд. Меѓутоа, сепак гледано од страната на нефинансиското мотивирање на вработените, кај секој човек постои поголема веројатност дека ќе остане во онаа компанија која што му овозможува да ја развива својата кариера, да се надградува и постојано да учи. Затоа и голем број на светски познати организации и секако добар дел на македонски компании одлучуваат да бидат „организации кои што учат“ и вложуваат во развојот на својот човечки капитал.
Обуките не само што ги подобруваат вештините на вработените, туку и градат цврста врска помеѓу компанијата и вработените. Оттука, многу е важно секоја организација да направи соодветна проценка на потребните за обука.
- Дали постои систематска програма за обука која би требало да ги подобри вештините на вработените?
- Какво е согледувањето на вработените за квалитетот на досегашните одржани обуки?
- Дали планот за обуки на вработените се во согласност со барањата и стратегијата на организацијата?
- Дали имате определени средства кои што во текот на годината ќе бидат наменети за подобрување на вештините на Вашите вработени?
Обуките за подобрување на вештините претставуваат основа на развој на вработените. Во себе содржат две цели:
- Да се задржи моменталното ниво на вештини кое што го имаат вработените во значително подобрената и напредната бизнис практика
- Да им помогне на вработените да ги усовршат своите вештини кои што им се потребни за ефикасно и ефективно извршување на работните задачи во рамките на организацијата.
Обуките за подобрување на вештините кај вработените даваат двојна корист, односно вработените и организацијата имаат взаемна корист. Компаниите кои што ги обезбедуваат обуките за подобрување на вештините на вработените за возврат добиваат поефикасно извршување на работните задачи, поуспешно решавање на проблемите со кои што се среќаваат вработените и секако задоволни и лојални клиенти. Вработените од друга страна имаат можност да ги подобрат своите вештини, а обуката придонесува и во понатамошниот кариерен развој кај вработените.
“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“
- Peter Drucker




