Грижа за човечкиот капитал


Успешните организации не се должат само на успешно поставена пазарна стратегија, квалитетен производ, одржлива конкурентска предност... Всушност успешноста вклучува повеќе работи. Успешни компании се оние кои што како за најважна алка за своето функционирање го земаат во предвид човечкиот капитал.

Менаџирањето на човечките ресурси претставува стратегиско менаџирање на вработените кои што индивидуално или заеднички придонесуваат кон постигнување на стратегиските цели на организацијата. Вработените во една организација се индивидуи кои што имаат сопствени ментални претстави и перцепции, сопствени цели и секако секој е личност за себе. Токму заради тоа треба да се посветува внимание и на индивидуално и на групно ниво сè со цел да се насочат кон постигнување на организациските цели.

За да може една организација да ги имплементира и оствари стратегиските цели мора да стави акцент и на човечките ресурси. Односно на привлекувањето, задржувањето и развивањето на вработените. Менаџирањето на човечките ресурси претставува еден вид на врска токму помеѓу организацијата и вработените. Секоја организација мора да стане свесна за потребите на вработените, да ги разбере и евалвира потребите за да им се помогне на вработените да ја сфатат, да ја почувствуваат својата работа како дел од својот личен живот, а не како одредена рутина која што мора да ја направат.

Грижата за човечките ресурси е клучна за соодветно функционирање на организацијата, бидејќи токму со соодветна грижа може да се креираат лојални вработени кои што ќе бидат спремни да дадат сè од себе во извршувањето на работните задачи. Главна одговорност во грижата за човечките ресурси е: Да се привлечат нови таленти во организацијата

  • Да се поттикне кариерниот развој на вработените
  • Да се поттикне мотивацијата кај вработените во секојдневното извршување на работните задачи
  • Да се задржат вработените во организацијата и да се намали стапката на заминувања

За да се остварат овие цели организациите мора да посветат внимание на обука и мотивирање на вработените, воспоставување на добар комуникациски систем, како и воспоставување на одредени стандарди за начинот на однесување, при што се потенцира политиката на организацијата и дава можност за изнаоѓање на одредени решенија за настанати проблеми. Во исто време, придонесува вработените да бидат поефикасни во извршувањето на работните задачи.

Менаџерите мора да сфатат дека можат да опстанат во динамичната и компетитивна средина и да бидат успешни само доколку посветат внимание на човечкиот капитал во организацијата. Да сфатат дека регрутирањето и селекцијата на вработените е многу специфична обврска каде што треба да се посвети енергија, време и пред сè знаење на каков начин да се привлечат и одберат вистинските луѓе.

Грижата за човечкиот капитал е предизвик за секоја организација. Токму затоа, треба да се употребат соодветни алатки и техники кои што ќе помогнат организацијата да ги постигне поставените стратегиски цели.

Активни огласи
Мудрости

“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“

- Peter Drucker