Вашата лична биографија – чекор пред интервју за работа
Што треба да имате наведено во Вашето CV?
Неколку совети за успешно составена лична биографија.
Лични податоци – Секогаш започнете со личните податоци, име и презиме, адреса, број на телефон, e-mail. Овие податоци се задолжителни. Дополнително доколку сакате наведете брачна состојба и поседување на возачка дозвола. Во литературата и на различните форуми ќе наидете на одредена дилема дали датата на раѓање е задолжителен елемент кој мора да стои во биографијата. Опасноста е одредени регрутери имаат тенденција да повикуваат на интервју само помлади личности, што во голема мера претставува дискриминација кај оние кои се повозрасни да не добијат шанса да се претстават себе си само заради годините.
Образование – Образованието секогаш пишувајте го по обратен хронолошки ред, односно започнете со последното стекнато формално образование. Наведете точен период од кога - до кога сте го завршиле конкретното образование; точен назив на институцијата; насока или група која што сте биле; стекната титула, звање, диплома.
Дополнително образование – во овој дел наведете ги сите курсеви кои што сте ги посетувале; присуство на различни семинари и обуки. Наведете во кој период на одржување од – до; назив на институцијата, организаторот на семинарот, обуката.
Мал совет: Не двоумете се наведете ги и оние обуки и семинари кои што сметате дека немаат никаква врска со бараната работна позиција. Поминатото неформално образование е дополнителна информација која ја добива работодавачот за Вас, добива слика за пошироките интереси кои што ги имате.
Работно искуство – и работното искуство секогаш пишувајте го по обратен хронолошки редослед. Значи, од моменталната позиција, па се до Вашето прво работно искуство. Наведете ја организацијата во која што сте работеле; работната позиција која што сте ја имале; краток опис на одговорностите кои што сте ги имале; точен период во кој сте работеле од (месец и година) – до (месец и година).
Мал совет: Описот на работата треба да биде прилагоден на позицијата за која аплицирате, односно нагласете го стекнатото работно искуство кое што е релевантно за позицијата.
Во делот за работно искуство наведете ги и хонорарните активности кои што сте ги извршувале. Ова се однесува на краткорочно работење на најразлични проекти, анкетирања, интервјуирања или кратки ангажмани за одредена фирма. Доколку некој од овие хонорарни ангажмани се релевантни за бараната работна позиција, тогаш дајте подетален опис за работните задачи кои што сте ги реализирале. Доколку не се доволно е само да ги наведете. Во овој дел наведете ги и евентуалните волонтирања кои што сте ги имале во најразлични организации, институции или невладин сектор.
Јазици – јазиците можете да ги наведете и во дополнително образование доколку имате посетувано одредени курсеви и/или сте се стекнале со одредена диплома која што можете да ја приложите на работодавачот доколку побара. Во овој дел наведете ги јазиците кои што ги познавате и говорите со тоа што направете една проценка за Вашето познавање на јазикот. Проценката можете да ја направите со обичен школски систем на оценки од 1 – 5.
Компјутерски вештини - како и кај јазиците доколку сте посетиле одреден курс наведете го во дополнително образование. Овде наведете ги сите програми кои што ги работите и лесно се снаоѓате.
Мал совет: При наведувањето на познавање на одреден јазик и оценувањето, како и при наведување на компјутерски програми кои што ги познавате бидете објективни, бидејќи токму овие вештини можат многу лесно да бидат проверени.
“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“
- Peter Drucker




