Extended DISC личната анализа е примарна бихејвиорална алатка за анализа. Таа е од исклучителна помош при регрутирање на кадри, напредок во кариерата и личниот развој на вработениот. Extended DISC анализите се потпираат на концептот на различните видови на човекови однесувања кои што се прифатени насекаде во светот. Оваа алатка не е само психолошка, туку и помага во менаџирањето и зголемувањето на ефикасноста на работата во организацијата. Денес оваа алатка е дел од менаџерскиот систем на проценка на кадрите во голем број на компании во светот.
Карл Густав Јунг рекол „карактерните особини се стекнуваат, не се добиваат како подарок“. Секој човек влијае во стекнувањето на своите карактерни особини. Уште во најраното детство родителите, роднините и пријателите ни помагаат во формирањето на своите особини. Како и да е, самите донесуваме одредени одлуки кои што се однесуваат на формирањето на сопствените карактерни особини. Во голема мера таквите одлуки ги носиме несвесно. Токму поради тоа не сме свесни за потенцијалот кој што нашата индивидуалност може да го даде.
Extended DISC анализите помагаат да се дознае внатрешното ЈАС кај човекот. Оваа анализа дава можност да се разгледа поинаков начин на согледување на сопствените карактерни особини како и одредени идеи кои што даваат насока каде би можеле да поработиме да го промениме сопственото однесување сè со цел да станеме подобри луѓе во секојдневниот процес на комуникација. Ни дава можност да ги согледаме сопствените позитивни и негативни страни на личноста.
Extended DISC Personal Analysis не презентира резултати кои што ги дели луѓето на категории. Всушност не прави категоризирање на луѓето на добри - лоши, ниту пак на било кој начин ги рангира, едноставно само постојат различни луѓе. Информациите кои што се дадени во извештаите претставуваат „природен стил на однесување“ на личноста која што го има пополнето тестот. Всушност е стил на однесување за која што личноста не употребува преголема енергија и напор, не бара преголема концентрација при однесувањето и најчесто е однесување кое што е пријатно за личноста.
Ваквиот начин на однесување претставува најчест природен стил кој што го манифестира личноста во комуникацијата со средината. Тоа е однесување по кое што останатите луѓе ја препознаваат. Самото значење на DISC всушност е акроним од четирите главни карактеристики врз основа на кои што се поделени стиловите на однесување:
- D – dominance – доминантност
- I – inducement – влијателност
- S – submission – смиреност
- C – Compliance – согласност (почитување на правила и регулативи)
Стил D
Карактеристики: компетитивен, агресивен, решителен, насочен кон остварување на резултати. Оние кои што спаѓаат во оваа група сакаат да работат брзо, ризикуваат и сакаат да ги извршат работите веднаш. овие личности се одговорни, сакаат сè да биде под нивна контрола и сакаат да имаа моќ. Сакаат промени и предизвици. Исто така, се карактеризира и со нетрпеливост, дрскост дури и грубост. Често пати не се добри слушатели и знаат да донесат избрзани одлуки. Околината може да ги доживее како себични, со големи барања, директни и премногу агресивни.
Стил I
Карактеристики: зборливи, дружељубиви, оптимистични и активни. Оние кои спаѓаат во оваа група се ориентирани кон луѓето, спонтани, енергични и се ентузијасти. Овој стил на однесување има добро и позитивно влијание врз околината. Исто така, овие личности се карактеризираат и со невнимателност на детали, премногу зборливи и емотивни. Премногу ветува отколку што исполнува, затоа што е голем оптимист и е желен за популарност. Околината може да го доживее како не грижлив, импулсивен и со недостаток на успех.
Стил S
Карактеристики: смирен, корисен, трпелив, скромен и опуштен. Желни се да помогнат, лојални и често пати градат одличен тим за работа. Оние кои спаѓаат во оваа група се трпеливи слушатели, доверливи и умеат да балансираат помеѓу обврските и луѓето. Овие луѓе се многу упорни и истрајни. Исто така, имаат потреба од стабилност и сигурност, па оттука имаат потреба од дополнителна помош при настанување на одредени промени. Премногу се желни да помогнат, па често пати на крајот остануваат искористени. Околината може да ги доживее како премногу спори, заглавени на status quo, неодлучни, тврдоглави па дури и лесно навредливи.
Стил C
Карактеристики: точни, логични, се држат до факти, аналитични и внимателни. Оние кои спаѓаат во оваа група имаат потреба од дополнителни информации и анализи. Фокусирани се на обврските и сакаат да бидат сигурни дека работите се одвиваат беспрекорно. Овие луѓе се стремат работата да ја завршат квалитетно. Исто така, C-стилот можеби премногу се задржува на деталите, стануваат критични, бавни и ја губат целовитоста на задачата. Понекогаш се губат во анализирање, се фокусираат на „дрвата, а не на шумата“. Околината може да ги доживее како премногу критични, дистанцирани, песимисти, па дури и ладни.
“Менаџментот претставува и справување со различни типови на луѓе.“
- Peter Drucker




